Денот кога Lehman Brothers банкротираше

57

На денешен ден во 2008 година, банката Lehman Brothers, тогаш четврта по големина американска инвестициска банка, поднесе барање за стечај, што се смета за пресвртница во финансиската криза (2007-2009). По спасувањето на другите големи финансиски институции, американската федерална влада дозволи Lehman Brothers да пропадне.

На прогласувањето на финансиската криза и претходеше колапс на довербата во системот на хипотекарни заеми предизвикани од банките преку нерегулирана употреба на финансиски деривати.

Хипотекарната криза започна во 2007 година кога пукна балонот на пазарот на недвижности. Со вртоглавото зголемување на вредноста на куќите и ниските стапки на заеми, куќите се купуваа како инвестиции.

Секој во Америка кој имал куќа може да позајми пари од банка, гарантирајќи заем со недвижниот имот во кој живее. До летото 2007 година, финансиските пазари ширум светот покажаа знаци на одложена наплата по многу години пласирање евтини заеми. Хеџ фондовите почнаа да пропаѓаат, а банките ги предупредија инвеститорите дека можеби нема да можат да ги исплатат.

Сепак, и покрај предупредувачките знаци, малку инвеститори се сомневаа дека најголемата криза во речиси осум децении ќе го погоди глобалниот финансиски систем, фрлајќи ги на колена гигантите од Волстрит и предизвикувајќи голема рецесија. Тоа беше епски финансиски и економски колапс што ги чинеше многу обични луѓе работа, животни заштеди и секако… куќите.

Пазарот на недвижности беше епицентарот на кризата, поради проблематичните заеми, но релативно брзо закрепна по падот. Цените на куќите паднаа, а милиони ги загубија своите домови поради запленување. Со текот на времето, пазарот закрепна, со зголемување на цените на недвижностите и многу помалку хипотеки. Регулаторите, исто така, воведоа нови ограничувања за кредитирање, потсетува Вашингтон пост.

Кризата беше најлошата американска економска катастрофа од Големата депресија (1929-1933). Американската берза ослабе за околу 8.000 милијарди долари помеѓу 2007 и 2009 година. Невработеноста се зголеми на 10 проценти во октомври 2009 година, а Американците загубија околу 9,8 трилиони долари во вредноста на имотот поради падот на цените на недвижностите. Големата рецесија предизвика загуба од над 2.000 милијарди американски долари во глобалниот економски раст или пад на глобалниот БДП од околу четири проценти, според пресметката направена од Moody’s Analytics.

Во 2008 година, владата ја презеде контролата врз проблематичните хипотекарни гиганти, бидејќи пазарот на недвижности пропадна, а загубите на компаниите се натрупаа. Товарот на кризата падна врз даночните обврзници кои испумпаа милијарди долари во проблематични компании. Американската економија во голема мера закрепна во текот на следните 10 години, и многу од најголемите американски банки, како што се JPMorgan Chase, Bank of America и Wells Fargo, станаа уште поголеми.