Денови на кариера: Денешните студенти се лидерите на утрешнината!

36

denovi na kariera

Овогодинешното издание на Денови на кариера започнува денеска, 1 април. Настанот е составен од два дела, Саем на компании и Едукативен Семинар. Саемот ќе се одржи на 1-ви април во аулата на Економски факултет со почеток во 10 часот. Истиот има за цел да овозможи интеракција помеѓу студентите и претставниците од компаниите и да овозможи шанса студентите од прва рака да дознаат повеќе за програмите за пракса или вработување кои ги поседуваат компаниите.

Едукативниот семинар, за разлика од минатите години, има ставено поголем акцент на проактивноста на младите, на нивните лидерски способности, но и на општо развивање на потребните компетенции кои треба да ги поседуваат младите како услов за поуспешна кариера. Овогодинешниот слоган Не прави snooze, оствари го сонот!, потенцира на потребата младите да се вклучат активно во процесот на планирање на својата иднина и искористување на сите можности и привилегии кои може да ги стекнат додека сè уште се студенти.

Денес, дипломата не е единствениот доказ за стручност кај младите. Волонтирањето, учеството на семинари и конференции и останатото практично искуство придонесува за поголема конкурентност на денешниот пазар на труд, каде околу 90% од младите се запишуваат на факултет.

За долгогодишната традиција и реноме на самиот настан, говори фактот што оваа година се организира по 19-ти пат. Првите Денови на кариера беа организирани далечната 1995-та година. Низ годините истиот им помогна на безброј млади луѓе да дојдат чекор поблиску до вработување, но и да стекнат непроценливо искуство.

Овој проект, кој низ годините постојано е организиран од млади ентузијасти – волонтери, успеа поради својот пристап на работа да ги надмине сите турбулентни времиња. Оваа година настанот се организира како соработка помеѓу АИЕСЕК Скопје и Економски факултет – Скопје.

Изгубеното време не можеме да го вратиме! За повеќе информации околу овогодинешната агенда, но и начинот на аплицирање, посетете ја нашата веб страна www.careerdays.org.mk, следете нè на нашата фејсбук фан страна www.facebook.com/careerdays.skopje или пак на инстаграм на @careerdays2015.