Деспотовски Бомгартнер – договорени заеднички активности за засилено присуство на француски компании во земјава

5

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски оствари средба со Сирил Бoмгартнер, новиот амбасадор на Француската Република во нашата држава на која се разговараше за новиот концепт ТИРЗ за привлекување инвестиции и заеднички активности за засилено присуство на француските компании во земјава.

Деспотовски на средбата го презентираше новиот концепт за привлекување на инвестиции кој се базира на три столба: рационално искористување на државно земјиште и креирање на нови јавни услуги за инвеститорите, индивидуализиран пристап базиран на анализа  десетгодишни инвестициски планови како и новите механизми за поттикнување на инвестиции преку новиот Стратешки зелен инвестициски фонд. Деспотовски потенцираше дека со примената на овој нов концепт од почетокот на годината веќе реализираат или во завршна фаза на подготовка се инвестиции во износ од над 300 милиони евра, кои треба да донесат над 5.000 нови работни места.

На средбата беа поздравени напорите на Владата и Дирекцијата за ТИРЗ дека ги препознаваат потребите на инвеститорите за предвидлива деловна клима, потребата од пристап до квалитетна инфраструктура и ефикасни јавни услуги.

Амбасадорот Бoмгартнер ги пренесе заложбите на Франција за што е можно побрзо, веќе во наредните недели, да се отпочне процес на преговори за членство на С.Македонија со ЕУ. Амбасадорот најави дека ќе се интензивираат активностите за обезбедување на засилено присуство на француски компании во регионот и земјава преку учество во големи инвестициски проекти. Како што појасни ова е во делот на заложбите на Франција во рамки на политиката за зајакнување на европскиот суверенитет.

На иницијатива на ТИРЗ, Деспотовски и Бомгартнер договорија заеднички да работат на презентација на инвестициските можности во С.Македонија пред компании од Франција во наредните месеци.

Дополнително, беше разговарано и за новите иницијативи на Дирекцијата за ТИРЗ во делот на развојот на човечкиот капитал, што е од особено значење за инвеститорите. Деспотовски  информираше и  за подготовките за нов циклус на активности за поттикнување на инвестиции, со фокус на Западна Европа, САД, како и источна Азија.