Деспотовски на самит на Економист: Не сакаме странски инвестиции чија цел е евтина работна сила

79

Со новиот концепт кој неполна година го спроведуваме во ТИРЗ поставивме јасна и едноставна рамка за инвеститорите и тоа веќе дава конкретни резултати, порача директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски на самитот на Западен Балкан во организација на „Економист”.

“Со новиот, паметен пристап, ги слушаме потребите на инвеститорите, но и јасно ставаме до знаење што државата очекува од нив. Нудиме јасна и применлива регулатива, ефикасни услуги од Дирекцијата за ТИРЗ, но и сите останати институции и партнерство во финансирање на инвестициите. За возврат, бараме добро платени работни места за нашите сограѓани, солидни даноци, од кои се финансира образованието, здравството, инфраструктурата, како и трансфер на технологии и добри работни навики” рече Деспотовски и додаде:

„Јасно ставивме до знаење дека повеќе не сакаме странски инвестиции чија цел е евтина работна сила. Северна Македонија повеќе не е таква земја. Нашето ново мото е Растеме заедно, и нашата економија и сите инвеститори” рече Деспотовски.

Тој додаде дека актуелните и новите инвеститори – над 30 со кои се преговара во моментов- го прифаќаат овој нов пристап и тој веќе дава конкретни резултати.

„Само од почетокот на годинава имаме започнати или во фаза на реализација договори за нови инвестиции од скоро 200 милиони евра што е 20% од вкупниот обем на инвестиции реалзиран во последната декада,” рече Деспотовски.

Новиот, паметен концепт на Владата и Дирекцијата за ТИРЗ за поттикнување на инвестиции подразбира целосен ангажман на јавниот сектор. Осврнувајќи се на резултатите од анализата на Европската банка за обнова и развој за разликите во деловната клима помеѓу земјите од регионот и оние од Централна и Источна Европа, Деспотовски потенцираше дека токму бавноста и, во одредени сегменти, неспроведување на регулативата, доведува до сериозен ризик за инвеститорите, а со тоа и застој во економскиот раст. Во воведениот едношалтерски систем за грижа за инвеститорите во ТИРЗ, најголем број на барања од компаниите се однесуваат токму за (не)достапност на услугите од државните и институциите на локално ниво, што мора да се менува.

“Секако ништо не се прави преку ноќ, но мора веќе да почнеме од некаде. Наша цел е во следниве 5, најдоцна 10 години да немаме повеќе економија во економија, како што е сега се ТИРЗ, туку овие, европски правила на функционирање кои ги поставуваме во ТИРЗ да се спроведат на територија на цела држава, и за домашните и за странските инвеститори подеднакво. Зоните се пилот модел врз кој треба да се гради новата развојна македонска економија” рече Деспотовски.