Деспотовски: Новите иницијативи во образованието ќе донесат повисоки плати и повеќе млади да останат во државата

31

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски најави нови мерки за унапредување на концептот на дуално образование според потребите на компаниите и поддршка на иницијативата на Институтот за менаџмент и бизнис Хајлдеберг за воведување на германски модел на едукација во земјава. На отворањето на панел дискусијата посветена на Германското дуално образование и врската со бизнис секторот, во рамките на Балканска бизнис недела организирана од Институтот.

“Со новиот концепт на работа на ТИРЗ со таргетирани мерки и програми се надоврзуваме на концептот на дуално образование. Овие мерки ќе донесат не само стабилни работни места туку и повисоки плати за наши сограѓани, особено за младите што верувам дека ќе биде јасен мотив тие да останат во земјава и тука да ја градат својата иднина. Истовремено ја поддржуваме иницијативата на Хајделберг Институт за отворање на германска гимназија во Скопје. Можноста младите овде да учат по германски модел на едукација е огромен чекор напред кој ќе придонесе конкреирање стручни професионални кадри и ќе им обезбеди иднина овде. Очекувам тоа да прерасне во нова образовна институција која ќе биде дополнителен спој меѓу формалното македонско образование и потребите на компаниите во ТИРЗ за работните места кои им се неопходни“, рече Деспотовски.

Тој најави и дека ТИРЗ развива нови мерки за отворање нови работни места како и обука за вработените со цел поттикнување на продуктивноста, што ќе доведе до повисоки плати.

“ТИРЗ веќе обезбедува 14.000 работни места за наши сограѓани, а според нашите проекции очекуваме овој број во наредните три години да се удвои. Само во моментов според постојните договори треба да се отворат дополнителни 7.500 работни места, а во тек сме во преговори со уште 30 компании кои најавуваат можност за вработување на уште 5.500 лица. Целта е да им обезбедиме перспектива и иднина на младите овде, дома, а на инвеститорите да им покажеме дека имаме вредни, квалификувани и квалитетни луѓе, во чиј развој оваа држава вложува и ќе вложува уште повеќе во иднина“, порача Деспотовски.