​ Деспотовски: За прв пат исплатени повеќе пари за домашните отколку за странските инвеститори

32

„Во 2023 година од државниот Буџет се исплатени повеќе средства за домашните отколку за странските инвеститори во С.Македонија. Соодносот е некаде 55:45 во полза на македонските компании, со што за прв пат во историјата домашните инвеститори ја добиваат вистинската и, секако, реално заслужената предност”, изјави Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ на гостувањето на емисијата Аргумент плус на ТВ 24.

Во изминатите години постигнат е реален напредок во изедначување на домашните со странските инвеститори. Секако, останува уште многу работа, а приоритет во следниот период мора да биде и пробивот на домашни компании во ТИРЗ.

„Нема никакво законско ограничување за влез на домашни инвеститори во Зоните и добивање на современо ниво на инфраструктура и услови, какви што нудиме на странските инвеститори. Во изминатите три години постигнавме два договори со големи македонски компании, кои за жал не се реализираат. Со полна одговорност како носител на јавна функција ќе кажам дека во државата сеуште имаме институции што се „заробени” во некое минато време. Едноставно, потребен ни е фронт на прогресивни поединци, институции и бизнис секторот за да можеме да ја промениме менталната матрица внатре во системот и конечно овие бариери да паднат”.

Во рамки на дебатата, Деспотовски се осврна и на податоците за ниво на странски инвестиции во С.Македонија и регионот. Во последните две години државата највисоко ниво на странски инвестиции во историјата. Членството во НАТО притоа игра значајна улога, бидејќи според податоците на НБРМ само во периодот 2021 – 2023 година имаме влез на близу 2 милијарди евра инвестиции во земјава. Ако се земат податоците за движење на странските инвестиции по глава на жител, може да се заклучи дека С.Македонија фаќа приклучок кон останатите земји од регионот, во однос на кои заостануваше во изминатите 10-15 години.

„Сепак, за да се направи решавачкиот чекор и да се искористи целосниот потенцијал на државата, мораме да бидеме похрабри во носење на одлуките за инвестиции”, рече Деспотовски и како пример ги наведе стратешките инвестиции во делот на енергетиката, за кои придобивките за граѓаните се неспорни. „Вакви инвестиции во соседните земји, на кои сакаме понекогаш да се угледуваме се реалност и придонесуваат за впечаток дека овие земји се подобри од С.Македонија на овој план,” нагласи Деспотовски.