Deutsche Bahn планира да транспортира пченица од Украина до германските пристаништа

66

Германската државна железничка компанија Deutsche Bahn ги објави плановите за транспорт на пченица со товарен воз од Украина до германските пристаништа, откако руската инвазија го запре извозот на жито преку Црното Море.

Украина е еден од најголемите извозници на пченица, а повеќе од 90 отсто од извозот бил преку Одеса и Мариупол на Црното Море.

Но, руската инвазија го запре тој извоз, оставајќи десетици бродови заглавени и околу 20 милиони тони жито заглавени во силоси во Одеса, што доведе до скок на цените на храната.

Deutsche Bahn најави дека ќе ја трансформира својата мрежа за испорака на хуманитарна помош за да носи жито од Украина во германските пристаништа Росток, Хамбург и Брејк во близина на Бремерхавен.

За таа цел, компанијата планира да воведе неколку товарни возови неделно, а голем дел од житото би се транспортирало преку Романија и Полска, соопшти Deutsche Bahn, додавајќи дека се уште не можат да прецизираат колку жито ќе можат да превезуваат.

„Ќе пренесеме што е можно повеќе жито“, изјави портпаролот на компанијата за германската новинска агенција dpa, која прва ја објави веста.

Во вкупното производство на пченица во светот, Украина учествува со седум отсто, но кога станува збор за висококвалитетната пченица, нејзиниот удел се искачува на дури една петтина од светското производство.