Германската агенција за заштита на пазарната конкуренција вчера извести дека покренала истрага против германските железници за да се провери дали оваа национална компанија ги крши правилата за слободна конкуренција кога е во прашање продажбата на билети на конкурентски фирми.
“Конкурентите се жалат дека имаат ограничен пристап до дистрибутивните канали на Deutsche Bahn. Кога станува збор за продажба на билети, функционалната конкуренција е од суштинско значење за конкуренцијата во железницата”, изјави претседателот на Агенцијата, Андреас Мундт.
Од Агенцијата не наведуваат кои оператори се жалеле.
Германските власти сакаат да утврдат зошто конкурентите на Deutsche Bahn не смеат да продаваат билети на железничките станици и да проверат под кои услови германската железница им ги продава билетите на другите.
Од Deutsche Bahn велат дека во потполност ќе соработуваат во истрагата.
Минатата година Deutsche Bahn пренел скоро една милијарда патници, и покрај тоа што во првата половина на 2013 година забележа пад во продажбата за скоро 30%.