Девет отсто повеќе туристи во Црна Гора отколку во 2022 година

49

Годинешната летна туристичка сезона во Црна Гора, според прелиминарните податоци на локалните туристички организации, е подобра од претходната, а во земјата престојуваат околу 179.000 туристи, соопшти Националната туристичка организација (НТО).

Претставничката на НТО, Милена Вујовиќ изјави дека во четвртокот во Црна Гора престојувале околу 179.000 туристи, што е за девет отсто повеќе во однос на претходната година и достигнување од 90 отсто во однос на 2019 година, пренесува Мина.

„Според истите податоци, во црногорските хотели одмораат околу 44.000 туристи, што е за шест отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година и дури 18 отсто повеќе во однос на 2019 година“, изјави Вујовиќ за „Медиабиро“.

Имајќи предвид дека се работи за прелиминарни податоци, НТО, како што додаде, се потпира и на податоци од други институции, кои исто така сведочат за успешноста на оваа туристичка сезона.

„Еден од најавторитетните показатели за реализација на туристичката сезона се приходите од таксата за престој. Приходите од почетокот на годинава до 17 август се 1,44 милиони евра, што е за 35 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Исто така, од 1 јануари до 31 јули, аеродромите во Црна Гора опслужија 1,35 милиони патници, што е 95 отсто од резултатите од споредбениот период од 2019 година“, рече Вујовиќ.

Со добра посетеност можат да се пофалат и националните паркови на Црна Гора, кои од почетокот на годината до 13 август ги посетиле над 420.000 посетители, што е за 45 отсто повеќе во однос на истиот период од претходната година и за околу 25 отсто повеќе во однос на 2019 година.