Џејмс Бонд аукција – Aston Martin, Jaguar, Land Rover…

35

Аукциската куќа Кристи прославува 60 години од филмската франшиза за Џејмс Бонд со аукција во два дела, чии приходи ќе бидат донирани во добротворни цели.

Се нудат голем број предмети, а кога се во прашање автомобилите, најзначаен е последниот филм од серијата, Нема време за умирање. Понудата започнува со Jaguar XF возен во филмот од негативците во потерата по Бонд и Медлејн Сван. Се очекува дека би можел да достигне цена од 70.000 фунти.

Во понуда е и Range Rover SVR, кој би требало да достигне цена од најмалку 80.000 фунти. На аукција се најде и Land Rover Defender Bond Edition. Придвижуван од V8 мотор, овој модел не се појави во филмот, но е дел од ограничената серија од 300 примероци и единствен со ознаката „60 Years of Bond“. Се проценува дека ќе предизвика голем интерес, а со тоа и веројатно цена од 300.000 фунти. Понуден е и Defender од филмскиот сет, кој би можел да достигне повисока цена.

Конечно, тука се и Aston Martin. Посебно интересен е моделот V8, кој се појавува во филмот со Крег, а буди спомени на моделот од филмот The Living Daylights. Доволно да ја доведе цената до 700.000 фунти. Конечно, како врв на понудата доаѓа репликата на DB5 која е произведена исклучиво за снимањето на најновиот филм. Има модерен 3,2 шестцилиндричен мотор и мануелен менувач, а и покрај оштетувањата е најскапиот експонат со проценета цена до два милиони евра.

Се нудат различни костими, куфери, па дури и маски од филмот Spectre. Почетокот на лицитацијата е најавен за 15 септември.