Дигитален текст на New York Times продаден за 563.000 долари

30

Колумнист на New York Times продаде еден од неговите дигитални написи за 563.000 долари.

Целта за статијата на Кевин Рус со наслов “Купете го овој коментар на блокчејн“ беше да се тестира пазарот и да се утврди како единствените дигитални записи може да се продаваат како т.н. незаменливи дигитални токени (NFT).

NFT е дигитален “предмет“ како што е цртеж, музика, фотографија или автентицирано видео создадено со блокчејн технологија. Автентичноста позади која стојат компјутерските мрежи се смета дека е непробојна.

Виртуелниот предмет, што всушност се работи за компјутерски запис, може да се продаде или размени заедно со потврда за автентичност.

Неизаменливите дигитални токени NFT станаа популарни во последните месеци, бидејќи богатите колекционери среде пандемијата се свртеа кон дигиталниот пазар.

Во понеделникот, првата порака објавена на Twitter се продаде за 2,9 милиони долари, а тоа е порака од основачот на Тwitter, Џек Дорси.

На почетокот на месецот, дигиталниот колаж на американскиот уметник Бипл беше продаден преку аукциската куќа Christie’s за 69,3 милиони долари.

На крајот од аукцијата, која траеше 24 часа за текстот на New York Times, колекционер по име Фарзин го купи за 350 етериуми, во противвредност од 563.000 долари.

Рус објави дека, откако ќе се подмират трошоците за платформата Foundation на која е продаден текстот, парите ќе бидат пренасочени во добротворни организации поддржани од New York Times.

Фото: Pixabay