Дигитализацијата победи: Се гаси печатеното издание на Newsweek

18

По 80 години од објавување на првиот печатен број, американскиот неделник Newsweek врти нова страница. Дигиталната струја победи, после неколкугодишниот постојан притисок за опстојување на пазарот, челниците на Newsweek одлучија да ги намалат трошоците на компанијата, со тоа што ќе го укинат печатеното издание и весникот ќе биде достапен само во дигитална форма. Според истите, последното печатено издание ќе излезе на 31 декември 2012 година.

Целта на дигиталната стратегија на Newsweek е ширење на присуство на Интернет и на растечкиот пазар на таблети. Новото дигитално издание ќе се вика Newsweek Global и ќе биде единствено издание за светскиот пазар кое за цел има мобилна публика која сака „да учи за светот преку софистициран контекст“. Како ќе се пренесе традицијата на контроверзни насловни страни во дигитален формат, читателите ќе можат да видат од Нова Година.

Содржините ќе се наплаќаат преку претплатата за таблети и преку интернет, а избраните содржини ќе бидат објавувани бесплатно на The Daily Beast, блогот на Newsweek со повеќе од 15 милиони посетители месечно, кој бележи раст од 70% последнава година.

Одлуката се темели на намалување на продажбата на печатеното издание, високите трошоци за печатење на весникот, но и се поголемиот број интернет публиката. Главната уредничка на The Daily Beast, Тина Браун вели дека овој чекор не е збогување со Newsweek, туку само негова трансформација.