
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека вештачката интелигенција (ВИ) може да се користи за олеснување на административните процедури за европските компании како дел од пошироките напори за поедноставување на работењето и зајакнување на конкурентноста во Европската Унија (ЕУ).
На состанокот на Европската народна партија, кој се одржа во Таормина, Сицилија, и не беше отворен за јавноста, таа изјави дека Брисел има намера да го воведе принципот „само еднаш“ во известувањето за компаниите. Ова значи дека компаниите ќе можат да доставуваат какви било информации еднаш, а ВИ треба да им помогне на јавните администрации во користењето на податоците.
Како што истакна претседателката на Европската комисија, европските компании мора постојано да доставуваат исти информации до јавните тела, поради што се губи време, што компаниите и Европа не можат да си го дозволат.
„Поради оваа причина, ќе го воведеме правилото „само еднаш“ за доставување податоци, а со помош на вештачката интелигенција, јавните тела ќе можат да обезбедат нивна ефикасна употреба“, се наведува во говорот подготвен од Фон дер Лајен, кој го виде Политико.
Ова е прв пат таа експлицитно да ја лансира идејата за користење на алатки за вештачка интелигенција за намалување на административниот товар на компаниите.
Принципот „само еднаш“ секако не е целосна новина. Европската комисија веќе го воведе во закон кој треба да создаде хармонизирана корпоративна рамка за ЕУ што им овозможува на компаниите да започнат и да го водат својот бизнис на поедноставен начин од кој било дел од ЕУ.
Тој предлог од март оваа година претпоставува дека компаниите можат да ги достават потребните информации или податоци до дигиталната платформа на ЕУ само еднаш, а потоа овие податоци би можеле автоматски да се разменуваат меѓу јавните тела. Но, тој предлог не ја спомена употребата на вештачка интелигенција за управување со тој процес.
Фон дер Лајен не даде детали за тоа како ќе функционира системот поддржан од вештачка интелигенција, дали ќе се применува на сите компании или кога би можел да почне да се користи. Во својот говор, таа ги повика владите да придонесат за поедноставување на правилата со тоа што нема да воведуваат дополнителни барања кога ги пренесуваат европските регулативи во националната законска рамка.
Клучниот принцип е дека правилото договорено на европско ниво не смее да стане посложено кога се применува на национално ниво.
Според предложениот договор, кој мора да го потпишат сите земји, националните влади ќе мора да ги оправдаат сите дополнителни национални барања што одат надвор од европското право, како и да дадат проценка на влијанието врз деловниот сектор и единствениот пазар.











