Дигиталното евро пристигнува во 2026 година

204

Изгледа дека во 2026 година еврото би можело да го добие својот дигитален „двојник“, стабилна валута што се развива во Европската централна банка (ЕЦБ).

Дигиталното евро ќе ја зголеми стабилноста и независноста на монетарниот систем на Европската унија и ќе ја зголеми ефикасноста на системот за дигитално плаќање, рече Фабио Панета, член на извршниот одбор на Европската централна банка.

Дигиталното евро ќе отвори можност за сите да ја користат заедничката валута за исклучиво дигитални плаќања, каде било, на лесен и безбеден начин. За разлика од криптовалутите, кои исто така имаат шпекулативни карактеристики, оваа валута би била директно врзана за еврото, како еден вид стабилна валута – иако Панета предупреди дека дури и таквите монети може да го загубат своето „сидро“.

За да се спречат ваквите ситуации, Европската централна банка ќе стои зад дигиталното евро. Ова ќе ѝ даде доверба на оваа дигитална валута, ќе биде дизајнирана како безбедна и во јавен интерес. Панета, исто така, истакнува дека во растечката дигитална средина, дигиталното евро треба да ги олесни дигиталните плаќања и да им даде можност на сите на пазарот да останат „во играта“. Така, нова можност би добиле помалите посредници на финансиските пазари, кои досега не можеа да го следат чекорот со иновациите на големите играчи.

Овој платен систем би бил бесплатен, лесен и достапен за секого и секаде, најави тој. Но, за да успеат во тоа, корисниците мора да видат дека тоа им носи придобивки, односно дека има предности во однос на сегашните начини на плаќање. Исто така, мора да биде прифатено насекаде – идеално кај сите трговци на мало во еврозоната, и онлајн и во физичките продавници. Тоа го покажало прелиминарното истражување, во кое испитаниците рекле дека идеалната дигитална валута би овозможила и P2P плаќање (директен трансфер на пари на пријатели) со еден клик, без разлика на која платформа или банка користите.

За спроведување на планот за дигитализација на еврото, ЕЦБ формираше двегодишна работна група минатата година за да ги истражи приоритетите за новата дигитална валута. Проектот потоа би можел да биде лансиран до крајот на 2023 година. Во втората фаза ќе се тестираат технолошките решенија и ќе се создаде деловно опкружување неопходно за масовно прифаќање на дигиталното евро. Ова би можело да потрае околу три години, па затоа дигиталното евро би можело да заживее во 2026 година.