„My Dealer“ е основана во 2020 година, „благодарение“ на COVID пандемијата, вели Дијана Стојковска, сопственик и главен менаџер на My Dealer – компанија која е лидер на пазарот во продажба на специјални возила. Нивниот претходно растечки бизнис сосема застанал, па барале решение како да се справат со новонастанататa ситуација. “Тоа беше сериозен предизвик за нас, со оглед на тоа што со сопругот партнерски ги водиме нашите приватни бизниси. Во тој процес, дојдовме до создавањето на „My Dealer“, без апсолутно никаква мисија, визија, а со единствена цел – да го преживееме ударот кој ни го зададе пандемијата“, вели Стојковска.
Бизнис Инфо: Се добива впечаток дека секогаш кога се отпочнува бизнис, тоа е обично драматично и полно со ризици… Која беше вашата мисија со oсновањето на My Dealer?
„My Dealer“ е основана во 2020 година, „благодарение“ на COVID пандемијата. Нашиот претходно растечки бизнис сосема застана, па моравме да бараме решение како да се справиме со новонастанататa ситуација. Тоа беше сериозен предизвик за нас, со оглед на тоа што со сопругот партнерски ги водиме нашите приватни бизниси. Во тој процес, дојдовме до создавањето на „My Dealer“, без апсолутно никаква мисија, визија, а со единствена цел – да го преживееме ударот кој ни го зададе пандемијата.
Бизнис Инфо: Кои проекти изминатиов период се дел од портфолиото на My Dealer, компанија која е лидер на пазарот во продажба на специјални возила?
Оваа година нашата понуда ја збогативме со еден нов продукт. За првпат кај нас и во регионот донесовме ВИП луксузно комбе, коешто беше специјално изработено custom made. Направивме гала настан за промоција на возилото, каде гостите имаа можност одблиску да уживаат во луксузот кој го нуди, со своите кожени седишта во кои се вградени масажери, највисоко ниво на опременост, смарт ТВ, мини ладилник, неспресо кафемат и многу други дополнителни сегменти.
Бизнис Инфо: Позади успешна компанија стојат и задоволни клиенти. My Dealer е дел од градењето на имиџ и идентитет на бизнис елитата. Кои фактори се пресудни за стекнување на доверба на клиентите?
Од досегашното искуство во оваа конкретна бранша, би можела да ги посочам како фактори доследноста, навремената испорака, соодветниот квалитет на продуктот. Но, кога би морала да издвојам само еден фактор, тоа би била after-sales услугата, односно давање на техничка поддршка и помош при решавање на евентуални проблеми кои ги имаат клиентите со купениот производ.
Бизнис Инфо: Едукацијата е дел од успехот, колку Вие инвестирате во лична и компаниска надоградба на знаења и вештини?
Сметам дека едукацијата на еден човек не треба никогаш да престане и секогаш кога ќе му се укаже можност да научи нешто ново, максимално да ја искористи. Со таа цел станавме дел од CEED – водечки бизнис клуб со една уникатна платформа за вмрежување и до-едукација, каде преку размена на искуства и знаења, различни обуки и семинари за до-едукација постојано се надоградуваме. Исто така, како членки од МАТТО – македонско-турската стопанска комора, ни е овозможено да присуствуваме на врвни семинари и саеми кои се организираат во Р. Турција.
Бизнис Инфо: Да се биде општествено одговорен е знак на распознавање. Што сѐ правите за вашата компанија да биде општествено одговорна?
Се трудиме колку што можеме да бидеме застапени во сите сегменти од општеството, преку поддржување на најразлични настани, проекти, хуманитарни акции. Веќе трета година сме верни поддржувачи на нашиот трикратен европски шампион во ридско-брдски трки Игор- Иџе Стефановски. Оваа година дадовме поддршка и на клубот на народот ФК Вардар. А посебно ми е драго што сме главни партнери и поддржувачи на здружението за млади во социјален ризик „За Тебе (4U)“.
Бизнис Инфо: Која е деловната визија што би сакале да ја постигнете во иднината на вашиот бизнис? Кои се идните проекти на My Dealer?
Раст и развој на компанијата до степен да може да функционира без нас (се смее), што сметам е визија и мисија на секој еден сопственик на бизнис. Нашата визија е да се позиционираме високо на пазарот како бренд кој ќе биде препознатлив по тоа што не се плаши од промени и е спремен да биде секогаш во чекор заедно со интересите на своите клиенти.
Бизнис Инфо: Дали имате некој успех, награда, достигнување… на коешто сте посебно горда?
Да, наградата која оваа година ми беше доделена од страна на „Business Elite Awards“, како една од најуспешните и најамбициозни лидери во Европа за 2023 година во програмата “40 under 40”.
Бизнис Инфо:Што мислите за учеството на жените во македонскиот бизнис, особено во време кога сè посилно се разговара за суштински промени, еднаков третман и еднакви можности за сите? Ваш совет за сите жени во светот на бизнисот, на коишто им е важна кариерата, но исто толку и приватниот живот, семејството, пријателите…?
Многу ме радува тоа што жените се сè повеќе застапени во бизнисот, политиката, економијата и сметам дека полека, но сигурно се гради генерација на жени кои знаат што е слободен ум, креативност и претприемништво.
Како нешто најважно кое би го издвоила во овој момент како совет е многу мудро и внимателно да ги одбираат луѓето со кои ќе чекорат заедно низ животот, бидејќи со вистинските луѓе покрај себе нема ништо ниту тешко, ниту невозможно. Близу до себе – само луѓе кои ни даваат поддршка во секоја смисла и нè „туркаат нагоре”, а околу себе – само помудри и поуспешни луѓе од кои можеш многу да научиш.