Дијаспората испратила над милијарда евра на Косово во текот на пандемијата

28

Пандемијата од март минатата година остави бројни економски последици во светото, а во ништо подобра позиција не е ниту Косово, каде голем број граѓани останаа без работа. Сепак, овој проблем жителите на Косово делумно го решиле благодарение на помошта што ја добивале од дијаспората.

Портпаролот на Централната банка на Косово, Куштрим Ахмети рекол дека од март минатата до март оваа година на Косово пристигнале повеќе од милијарда евра помош од дијаспората.

“Вкупната вредност на дознаки упатени на Косово во периодот март 2020 – март 2021 беше милијарда и 97 илјади евра“, рекол Ахмети.

Според него, помошта најмногу пристигнувала од земји од германско говорно подрачје.

“Најмногу испратени дознаки има од Германија, Швајцарија, Австрија, а пристигнуваа и од САД и Франција“, рекол Ахмети.

И претходната и актуелната влада на Косово се обидуваат да им помогнат на компаниите и граѓаните преку итни пакети со мерки за економско закрепнување.

Досега е забележано дека приватниот сектор е најмногу погоден од пандемијата, а подобрата состојба со коронавирусот влијаела и на тоа косовската влада да донесе одлука за попуштање на рестриктивните мерки и укинување на полицискиот час, со што е отворена можност за работа на угостителските објекти.

Фото: Pixabay