Дилојт: Речиси сите светски компании се погодени од климатските промени

112

Раководствата на најголемите светски компании сметаат дека нивните компании веќе се погодени од климатските промени, покажа истражувањето на Дилојт, чии резултати беа објавени денеска.

Околу 97 отсто од испитаниците тврдат дека компаниите во светот веќе се погодени од климатските промени, а 79 отсто веруваат дека светот достигна критична точка кога мора да реагира на климатските промени, наведува Дилојт.

Како што се наведува, тоа е за 20 процентни поени повеќе од истражувањето на Дилојт спроведено пред осум месеци, „што бара брза акција“.

Дилојт ги надополни претходните истражување со ангажирање на повеќе од 2.000 извршни директори од 21 земја за да ја испита загриженоста на деловните лидери и компаниите и активностите што тие ги спроведуваат поврзани со климатските промени и одржливоста.

Истражувањето покажа дека 88 отсто од испитаниците се оптимисти и веруваат дека директната акција може да ги ограничи најлошите ефекти на планетата.

Две третини од испитаниците рекле дека нивните организации користат поодржливи материјали и ја зголемуваат енергетската ефикасност, а повеќе од половина усвоиле енергетски ефикасни или поповолни за климата машини, технологии и опрема.