
Руската нафтена групација „Лукоил“ соопшти дека ги продава своите меѓународни активи, како резултат на воведувањето рестриктивни мерки против компанијата и нејзините подружници од страна на некои држави. Се поставува прашањето дали промената на сопственоста на „Лукоил“ ќе влијае на снабдувањето и на цените на горивата на македонскиот пазар.
Енергетскиот експерт, Константин Димитров за „Локално“ вели дека бензинските пумпи на „Лукоил“ по промена на сопственикот многу брзо ќе бидат ставени во функција и нема да има никаков проблем со снабдување на горива на македонскиот пазар.
“„Лукоил“ е само еден трговец со нафтени деривати кој функционира во Македонија. Може да кажам дека „Пуцко Петрол“ има повеќе бензиски пумпи низ Македонија и прави поголем промет. Освен оваа компанија на македонскиот пазар има многу други приватни бензински пумпи кои увезуваат нафта и нафтени деривати од берзите. Така што затварањето на 40 бензински пумпи на „Лукоил“ нема да предизвика потрес на македонскиот пазар со снабдување со нафтени деривати“, смета Димитров.
Тој смета дека во случајот со преземање на „Лукоил“ од страна на швајцарската компанија „Гунвор“ ќе се смени само сопственикот, а бензинските пумпи ќе останат да постојат само под друго име.
-Ќе се смени само сопственикот и името на бензинските пумпи кои ќе останат да работат под друго име. Новиот сопственик може повторно да купува руска нафта, но и немора. Може да се снабдува со нафта и нафтени деривати на берзите која немора да биде руска, туку од некоја друга земја. Тие носат нафта со цистерни во кој никој незнае дали има руска нафта или од некој друг производител, објаснува Димитров.
Според него, промената на сопственоста на бензинските пумпи ќе се случи многу брзо, односно тоа е едноставна процедура која се врши во Централен регистар. Дотогаш на македонскиот пазар има многу мали приватни пумпи кои ќе ја вршат таа функција. Така што граѓаните во никој случај нема да бидат погодени од затварањето на бензинските пумпи на „Лукоил„ кои многу брзо ќе почнат поторно да работат само под друго име.
Целиот текст на Локално.мк











