Димовски: Задоволни сме од предвремениот откуп на тутунот

21

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски е задоволен со предвремен откуп на тутунот, иако не се откупени сите договорени количини. Заклучно со 28 октомври откупени се 1.058 тони тутун со просечна цена од 160,51 денари за килограм тутун од предвремениот откуп.

На прашањето како се одвива предвремениот откуп на тутунот, која е цената и дали ќе влијае врз редовниот откуп на тутунот, Димовски информираше:

“Станува збор за пониската класа на лисја од тутун. Оваа цена е за 15% повисока од минатогодишната цена во истиот проект за предвремен откуп на тутунот. Како најзастапен е тутунот Прилеп. Цената за него е 160,51 денар, а за Јака се откупени 56 тони со просечна откупна цена од 160,55. Вкупната вредност на тутунот до 28.10 изнесува 169 милиони и 808 илјади и 22,70 денари, а се исплатени 74,88 тони односно 127 милиони 150 илјади и 166,78 денари”, изјави Димовски.

Според него тоа е потврда на доброто законско решение со кое се овозможува да се води стриктна контрола на целокупниот систем од производство, откуп, па се до плаќањето и квалитетот на тутунот.

“Истовремено се зголемуваат површините засадени со тутун, како и квалитетот на тутунот, а по тој основ се зголемува и просечната откупна цена што оваа година повторно треба да биде за 15% повисока од минатогодишната за време на редовната реколта, односно откуп на тутунот, кој што се очекува од 15 декември, па се до средината на март месец идната година”, посочи министерот.

Во последните години е забележлив трендот на зголемување на производството на тутун кое во 2012 година изнесува 28.000 тони и претставува зголемување во однос на минатата година за цели 33%.