Директните инвестиции во пад: Земјава бележи нето-одливи од 21,8 милиони евра во третиот квартал

Народната банка соопшти дека во третиот квартал од 2025 година вкупните директни инвестиции во земјава забележале нето-одливи од 21,8 милиони евра.

Во текот на третиот квартал од 2025 година, вкупните директни инвестиции во земјава бележат нето-одливи во износ од 21,8 милиони евра, како резултат на нето-одливите кај должничките инструменти (73,2 милионa евра) и реинвестирањето на добивката (3 милиони евра), при нето-приливи кај сопственичкиот капитал (54,5 милиони евра), покажуваат податоците на Народна банка.

Податоците за трансакциите на директните инвестиции ги опфаќаат движењата помеѓу поврзаните субјекти врз основа на сопственички капитал, реинвестирање на добивката и должничките инструменти. Должничките инструменти ги опфаќаат средствата и обврските од/кон поврзаните претпријатија во странство врз основа на заеми на меѓусебно поврзани субјекти, трговски кредити и аванси на меѓусебно поврзани субјекти и средства и обврски врз основа на останати должнички инструменти на меѓусебно поврзани субејкти.