Директорката на ММФ: Растот на светската економија поголем од очекуваниот

25

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева на состанокот во Вашингтон изјави дека изгледите за глобален економски раст станаа пореални од јануари, благодарение на американскиот пакет помош од 1.900 милијарди долари.

Сепак, таа предупреди дека нерамномерниот напредок во справувањето со пандемијата може да ги загрози економските придобивки.

Таа рече дека економската прогноза која ММФ ќе ја објави следната недела ќе покаже дека светската економија расте со побрзо темпо од 5,5% кое беше предвидено на почетокот на оваа година.

Во говорот на американскиот невладин “Советот за надворешни односи”, таа рече дека главните причини за подобра прогноза се пакетот помош од 1,9 трилиони долари одобрен од американскиот претседател Џозеф Бајден на 11 март и зголемувањето на довербата заради вакцинацијата во многу напредните економии.

Георгиева истакна дека државните органи ширум светот презеле итни мерки во изминатата година, вклучувајки вкупно 16.000 милијарди долари помош и масовно вбризгување свежи пари преку централните банки. Без тој брз одговор, економскиот пад од минатата година ќе беше трипати полош, процени Георгиева.

Сепак, таа предупреди дека изгледите за светската економија “опасно се разминуваат“ затоа што се опоравуваат со различна брзина дадена од двете главни економии – САД и Кина, додека другите земји заостануваат.

Георгиева рече дека постои “исклучително голема несигурност“ во светот поради појавата на нови видови вируси кои го забавуваат економскиот раст, особено во Европа и Латинска Америка.

Економистите предвидуваат дека економијата на САД оваа година може да порасне од шест до седум проценти, што би било највисоко од 1984 година. Но, Георгиева смета дека силниот раст во САД може да предизвика подеднакво зголемување на каматните стапки, а со тоа и значителен одлив на капитал од земјите во развој кон Соединетите држави.

Таа рече дека земјите во развој и земјите со ниски примања веќе имаат ограничени сили во борбата против кризата и дека тие се многу погодени од падот на сообраќајот во туризмот и другите сектори.

Георгиева најави дека клучна тема на пролетните состаноци на ММФ и Светска банка, кои ќе се одржат следната недела, ќе биде сузбивање на пандемијата, за која ќе разговараат и со министрите за финансии на Групата 20 големи индустријализирани земји. Таа рекла дека ММФ проценува дека брзиот напредок и завршувањето на кризата може да додаде скоро 9000 милијарди долари на светскиот БДП до 2025 година.

“Со оглед на различната брзина на закрепнување, разумно е внимателно да се следи финансискиот ризик, вклучително и надуени проценки“, рече таа, нагласувајќи дека “големите централни банки мораат внимателно да ги соопштат своите планови за политиката, за да спречат прекумерна финансиска нестабилност“.

Фото: Pxabay