
Директорот на компанијата „Нвидија“, Јенсен Хуанг, изјави дека нема проблем да ѝ плати на државата Калифорнија данок од околу 7,75 милијарди долари, доколку се усвои новиот закон за оданочување на милијардерите. Неговата изјава веќе привлече внимание во технолошката и деловната заедница, бидејќи значително се разликува од реакциите на другите богати основачи и инвеститори.
Според проценката на „Блумберг“ од 6 јануари, богатството на Хуанг е околу 155 милијарди долари, што го прави еден од десетте најбогати луѓе во светот. Токму поради ова, новиот предлог би го погодил директно, но тој тврди дека ниту за момент не размислувал за тоа.
„Живееме во Силиконската долина и какви и да се воведат даноци, тоа е во ред“, изјави Хуанг за телевизијата „Блумберг“, додавајќи дека таквото сценарио е „целосно прифатливо“ за него.











