
Директорот на „Фолксваген Груп“ Оливер Блуме најави мерки за штедење со цел компанијата да остане конкурентна и профитабилна, објави германскиот гигант од автомобилската индустрија.
„Ако компанијата сака да продолжи да заработува од возила и да остане конкурентна во иднина, трошоците мора да продолжат постојано да се оптимизираат“, рече Блуме на состанок со вработените во Волфсбург.
Тој изјави дека Фолксваген бара нови производи и најнапредни технологии, и дека сега станува збор за зголемување на продуктивноста и поедноставување на процесот.
Блумe ја нагласи важноста од јасно усогласување на групата со барањата на иднината и реалноста на пазарот, објави агенцијата ДПА.
„Само економски силна компанија може да биде сигурен работодавач“, им рече директорот на работниците.
На крајот на декември 2024 година, по долги преговори и неколку предупредувачки штрајкови, „Фолксваген“ и синдикатот се согласија за програма за реструктуирање што ќе елиминира 35.000 работни места во Германија до 2030 година.
За возврат, компанијата ги потврди договорите за работа и сигурноста на работното место до 2030 година.











