Директорот на Интел инвестираше 200 милиони долари во Кина, Трамп бара да се повлече

Американскиот претседател Доналд Трамп го повика новиот извршен директор на Интел, Лип-Бу Тан, веднаш да поднесе оставка, велејќи дека постои голем конфликт на интереси откако се појавија прашања за неговите врски со кинеските компании, фрлајќи сомнеж врз иднината на американскиот производител на чипови.
– Нема друго решение за овој проблем, напиша Доналд Трамп во објава на неговата социјална платформа Truth Social, по што вредноста на акциите на Интел се намали за речиси пет проценти пред отворањето на пазарот.

Овој потег дојде еден ден откако Ројтерс објави дека републиканскиот сенатор Том Котон испратил писмо до претседателот на одборот на директори на Интел за врските на Лип-Бу Тан со кинеските фирми и неодамнешниот кривичен случај во кој е вклучена неговата поранешна фирма Cadence Design.

Ројтерс објави во април дека Тан, или самостојно или преку фондови што ги основал или управувал, инвестирал во стотици кинески компании, од кои некои се поврзани со кинеската војска.

Извршен директор на Интел инвестирал најмалку 200 милиони долари во стотици кинески компании во областа на интелигентни производствени системи и производство на чипови помеѓу март 2012 и декември 2024 година, откри Ројтерс.

Интел не одговори веднаш на барањето за коментар во четврток.

Интел, некогаш доминантна компанија во областа на производството на чипови, моментално ја менува својата деловна стратегија со цел да ја подобри својата позиција откако беше престигната во производството од тајванскиот конкурент TSMC. Интел речиси и да нема присуство на растечкиот пазар за чипови за вештачка интелигенција, кој го води Nvidia.

Тан, кој ја презеде функцијата извршен директор во март откако неговиот претходник Пет Гелсингер поднесе оставка кон крајот на минатата година, постави цел да отпушти 75.000 вработени до крајот на годината, што е намалување од околу 22 проценти. Интел, исто така, вети дека ќе заземе подисциплиниран пристап кога станува збор за инвестирање во производство.