Директорот на Рено бара од политичарите мерки за зајакнување на европската автомобилска индустрија

17

Директорот на францускиот производител на автомобили Рено Лука де Мео испрати писмо до кандидатите за европските избори во кое наведува дека европската автомобилска индустрија се соочува со проблеми и предлага мерки за спречување на негативниот тренд.

Во интервју за „Монд“, Лука де Мео рече дека автомобилската индустрија денес претставува седум проценти од европската економија и носи 392 милијарди евра приход за државите, но дека центарот на гравитација на светскиот пазар на автомобили е префрлен во Азија.

Во Азија, според тврдењата на првиот човек на Рено, денес се продаваат 52 отсто од сите нови патнички автомобили, а овој удел е уште поголем кога се анализира само глобалната продажба на електрични автомобили.

Тој смета дека европската автомобилска индустрија мора да интегрира четири нови синџири на вредност, и тоа електрификација, софтвер, полнење на електрични автомобили и кружна економија, пренесува Le Monde.

„Ние не сакаме протекционизам, но сакаме фер конкуренција“, вели Лука де Мео.

Извршниот директор на Renault предлага, меѓу другото, Европа да создаде „зелени економски зони“, слични на специјалните економски зони во Кина, кои концентрираат субвенции и инвестиции.

Оданочувањето и трошоците за работна сила во таквите зони би биле намалени за 10 години, додека капиталните добивки би биле ослободени од данок, според Лука де Мео.

Тој, исто така, препорачува Европа да го прилагоди своето законодавство и да го поддржи развојот на мали автомобили за да го направи еколошкиот баланс на електричниот автомобил што е можно поповолен.

Полесните и побавни автомобили за градско возење ќе имаат половина од големината на батеријата, а со тоа и помали трошоци, па според шефот на Рено, Европејците „повторно ќе гледаат автомобили што чинат 10.000 евра“.