До 2044 година, глобалната авијациска индустрија ќе испорача околу 43.420 комерцијални авиони

Ербас ја зголеми својата прогноза за побарувачката на авиони во следните 20 години, кажувајќи им на инвеститорите и добавувачите дека се очекува авиоиндустријата да го издржи сегашниот бран на трговски тензии.

Европскиот производител на авиони изјави дека очекува индустријата доминирана од него и неговиот американски конкурент Боинг да испорача 43.420 комерцијални авиони помеѓу 2025 и 2044 година, што е зголемување од два проценти во однос на претходната 20-годишна прогноза објавена минатата година.

Ова вклучува 42.450 патнички авиони (зголемување од два проценти во однос на претходната прогноза) и 970 фабрички произведени товарни авиони, што е зголемување од речиси три проценти.

Ербас ја задржа претходната проценка дека воздушниот сообраќај ќе расте во просек за 3,6 проценти годишно, иако ја намали прогнозата за раст на глобалната трговија за половина процентен поен, на 2,6 проценти, и малку ја намали прогнозата за раст на глобалниот БДП на 2,5 проценти.

„Секако дека има одредени турбуленции поради моменталната геополитичка и трговска ситуација“, рече Антонио да Коста, потпретседател за анализа и прогнозирање на пазарот во Ербас, објави Ројтерс. „Сè уште е многу рано… сепак, првите сигнали ни даваат одредено ниво на надеж.“

Авиоиндустријата е потресена од американските тарифи што ги наметна претседателот Доналд Трамп и можните контрамерки од Европската Унија, како и од нестабилните казнени тарифи меѓу САД и Кина.

Американските и кинеските претставници се согласија во вторникот за начините за враќање на трговското примирје и укинување на меѓусебните ограничувања.

Претставници на „Ербас“ изјавија дека најновите прогнози имплицираат дека основните тарифи од 10 проценти наметнати од администрацијата на претседателот Трамп ќе останат на сила некое време, но тоа не е исто како и подлабоките нарушувања што би можеле да бидат предизвикани од повисоките казнени тарифи.

Воздушниот сообраќај, кој е тесно поврзан со економијата и растечката средна класа со расположлив доход, честопати се покажал отпорен на шокови, рече Да Коста.

Извршниот директор на „Ербас“, Гијом Фори, повика на враќање на слободната трговија без тарифи во воздухопловството, придружувајќи се на голем број американски индустриски лидери кои предупредуваат за штетата што може да ја предизвика трговската војна.

Ербас ја зголеми својата прогноза за побарувачката на авиони со тесен труп, како што се серијата А320нео и конкурентскиот 737 MAX, кои во просек сочинуваат четири од пет испораки, за 2,0 проценти.

Ербас, исто така, ја зголеми својата прогноза за испораки на патнички авиони со широк труп за три проценти, на 8.200 авиони. Тој сегмент од пазарот на авиони на долги релации бележи зголемена побарувачка, предводена од авиокомпаниите од Блискиот Исток.

Фото: Pixabay