До крајот на годината, богатите земји ќе имаат 1,2 милијарди вишок вакцини

8

Богатите земји се соочуваат со притисок да ги распределат резервите од вакцини против коронавирусот, а нова анализа покажува дека до крајот на годината ќе имаат на располагање околу 1,2 милијарда дози вишок.

САД, европските нации и другите богати држави би можеле да вакцинираат околу 80 отсто од населението постаро од 12 години и да продолжат со вакцинирање со трета доза. Дури и во тој случај, на крајот би им останале многу вакцини, покажува анализа од лондонската аналитичка компанија Airfinity.

Овие влади досега им испорачувале скудно количество резерви на сиромашните земји, иако многумина се загрижени дека побавното темпо на вакцинирање во многу земји само ќе ја продолжи пандемијата и ќе го зголеми ризикот за појава на нови соеви.

Фатима Хасан, основач и директор на Иницијативата за здравствена правда, непрофитна организација од Јужноафриканската Република, повикува на глобална пресметка и пренасочување на дозите на оние на кои тоа навистина им е потребно. Богатите земји беа повикани да им достават над две милијарди дози на сиромашните региони до средината на 2022 година.

Според Airfinity, од над милијарда дози кои богатите земји им ги ветиле на сиромашните, досега биле испорачани помалку од 15 отсто.

Производството на вакцини на глобално ниво до крајот на годината би можело да достигне 12 милијарди дози, проценува Airfinity. Тоа е повеќе од околу 11 милијарди кои се потребни за вакцинирање на светот.