До крајот на годинава четири нови авиодестинации од Скопје

80

До крајот на 2021 година од Скопје ќе се лета до четири нови дестинации.

Од најавите на авиокомпаниите досега, знаеме дека ќе имаме четири нови дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје до крајот на 2021 година, вели за МИА, Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија, во пресрет на воведувањето на зимскиот ред на летање.

Зимскиот распоред на летови ќе почне на крајот од овој месец, во моментов, како што наведува Батак, е во подготовки и наскоро ќе бидеме во можност да кажеме до точно колку дестинации ќе се лета од скопскиот аеродром од крајот на октомври годинава до крајот на март следната 2022 година.

Летови од Скопје и до Болоња, Торино и Билунд, на пазарот влегува и „Изиџет”

– Три нови дестинации ќе воведе Виз ер во декември, од Скопје до Болоња, Торино и Билунд. Една нова дестинација, од Женева до Скопје, ќе биде отворена од Изиџет, британската нискобуџетна авиокомпанија, која со отворањето на оваа рута на почетокот на ноември 2021 година практично првпат ќе влезе на македонскиот пазар. Заедно со наведените нови дестинации на Виз ер од Скопје, во декември 2021, унгарската нискобуџетна авиокомпанија ќе отвори и нова авиолинија од охридскиот аеродром до германскиот град Фридрихсхафен, информира Батак.