Добар продавач ќе ви продаде едно возило, добра грижа за клиенти ќе ви продаде 100

1981

Ми – Да Гранд Моторс е позната како општествено одговорна компанија. Мисијата којашто ја има компанијата е да им се обезбеди мобилност, безбедност и сигурност на граѓаните. Низ годините имаат организирано безброј активности во таа насока, а сега во овие тешки моменти на криза нудат и бесплатна услуга за сите медицински лица во нивниот сервис, вели во интервју за Бизнис Инфо човекот кој стои зад успешната приказна на Ми-Да Гранд Моторс Македонија, Дритон Заири, генерален директор на компанијата. Во продолжение прочитајте за корпоративната култура на компанијата, усовршувањето, развојот и предизвиците со кои се соочуваат.

Автомобилскиот бизнис е интересен сам по себе, но како се најдовте Вие во приказната на Ми-Да Гранд Моторс? Кое е вашето претходно искуство?

Целата приказна започна во мај 2000-та година, а претходно сон ми беше да станам професионален ракометар со огромна желба и љубов кон тој спорт и до ден денес. Автомобилите за повеќето млади се привилегија, задоволство, предизвик, па кога ми се даде можноста во тогашната Sa & Sa Company од страна на сопственикот г-дин Митат Сали на кој до ден денес сум му благодарен, во ниеден момент не се изморив да ја исполнам целта, а тоа беше да бидам успешен во тоа што го работам. До јуни 2009 година бев дел од реномираната и почитувана групација Porsche, која официјално во Македонија (Porsche Македонија) дојде во декември 2005 година.

Ентузијазмот и енергијата за работа од самиот почеток беа мои позитивни адути кои низ годините ги забележаа и вреднуваа моите претпоставени, и поради тоа поминав низ неколку сектори во компанијата. Почнав како продавач, па маркетинг, па администрација (резервни делови), ареа менаџер и sales trainer за VW, за во 2008 година со моите 27 години добијам функција Head of office, со цел воспоставување на импортер во Косово под името Porsche Косово и позиционирање на брендовите VW, Audi и Skoda на тој пазар со што и задачата беше успешно завршена за неполна една година. Уште некој месец па 20 години јубилеј во автомобилскиот бизнис ќе треба да ги славиме на некој убав начин, иако годинава не ни е убаво почната.

Колку долго сте дел од оваа компанија, однос во овој бизнис? Кои се најзначајните промени на кои вие како директор и вашиот тим ги направивте во оваа компанија?

Во Grand Automotive групацијата сум од септември 2009 година, со тоа што бев во Косово до 2013 година кога и газдите побараа од мене да дојдам во Македонија бидејќи една година претходно веќе откупија 75% од акциите од тогашна Ми – Да Моторс која се промени во Ми – Да Гранд Моторс. Нормално прифатив да се вратам во Скопје бидејќи тука сум роден и сè ми е поврзано со Скопје и Македонија. Нормално со доаѓањето во Ми – Да Гранд Моторс продолжи и функцијата во Косово до ден денес. Цел ми беше компанијата да има тим кој ќе биде компактен и ќе се грижи за секој свој клиент во продажбата и во постпродажбата. Со многу труд успеав тимот да го соединам и истиот функционира беспрекорно сиве овие години во целост.

Со влегувањето во комплетен продажно-сервисен центар, Ми-Да Гранд Моторс прераснува во сериозен автомобилски “играч“ на македонскиот пазар. А од неодамна го преземавте и брендот Hyundai. Како дојде до соработката со Hyundai и дали просторот во новиот објект беше планиран за Hyundai?

Како дел од групацијата Grand Automotive, сериозноста на нашиот пазар е од самиот почеток претставена со многу активности, поволности и услуги кон нашите клиенти. Со преземањето на брендот Hyundai во Македонија, Косово и Албанија само го комплетиравме нашето работење во регионот, бидејќи во Србија и Хрватска веќе пет години нашите сестрински фирми се претставници на Hyundai. Веќе имам напоменато неколку пати дека за да се добие претставништво за врвен бренд треба да бидеш докажан за таа работа, ( а нашата групација со години го има покажано тоа), па бевме поканети на тендерот кој беше отворен од страна на Hyundai Motor Company на кој учествуваа и други македонски компании.

Новиот продажно – сервисен центар веќе беше пуштен во употреба, а изграден според потребите на Ford и Volvo, за кои ние бевме застапници долго време. Се случија промени и дојде до промена на Volvo претставник за Македонија, па како што вели и поговорката “во секое зло има и добро” Hyundai беше доброто во тие мигови за нашата работа и салон.

Од јануари 2020 многу успешно тргна работењето со новиот бренд како што и очекувавме, па во блиска иднина планираме експанзија на понуди за продажба на нови возила и сервисни понуди. Како групација нема да застанеме секако со успешно претставување на Ford и Hyundai во нашата земја и регионот, па секако и нови брендови и предизвици во иднина ќе бидат дел од нашето работење.

Вашата индустрија во изминатите години претрпе големи падови, но и ситни успони. Како се справувате со предизвиците со кои се соочува автоиндустријата и дали имате некоја скриена формула за успех?

Ситуацијата во нашиот бизнис не е сјајна подолго време. Првично, како компанија, успеавме да направиме успешен тим кој долго време работи заедно и се грижи за секој наш клиент, но и за сите потенцијални клиенти. Како компанија сме насочени и многу ни значи задоволството на клиентот и поради тоа, се трудиме да понудиме најдобра цена по најдобри услови (кредити, лизинг). Секако, обезбедуваме и одлично сервисирање и грижа за автомобилот на секој наш клиент.

Позади успешна компанија стојат и задоволни клиенти. Кои фактори се пресудни пред сè за одржување на доверба на клиентите ?

Ова го имам напоменато неколкупати поради тоа што и тоа ме води во сиве овие години, одговорот е едноставен, но опфаќа сериозен корпус: цел, одговорност, привилегија, задоволство. Доколку успеете да ги вкомпонирате сите овие сегменти, тогаш успехот е загарантиран! Фактори за одржување на доверба кај клиентите се многубројни, но во нашиот тим главни се искреноста, насмевката и грижата за секој клиент на максимално ниво со максимален напор успешно да се реши секој можен проблем. Секој вработен во Ми – Да Гранд Моторс е достапен за своите клиенти 24/7 и за тоа сум им благодарен на секој посебно, па затоа и слободно кажувам дека зад секој задоволен клиент стои спремен и насмеан вработен кој во секое време сака да помогне на својот клиент и успешно да ја реши секоја ситуација.

Добриот тим е клуч за успех. Кои карактеристики треба да ги имаат вашите вработени и како ги мотивирате да останат позитивни, а со тоа и клиентите задоволни?

Во Ми- Да Гранд Моторс секој вработен е добра личност (или како што ние велиме е ЧОВЕК) за да во секое време биде спремен да помогне без оглед во каква ситуација се наоѓа, па тоа е првата особина што треба да ја има. Треба да ја сака својата работа и да биде спремен да ја заврши најуспешно, а ако не знае, да не се срами да праша. И позитивноста, исто така, е клучен дел кој треба да го поседуваат. Добар продавач ќе ви продаде едно возило, добра грижа за клиенти ќе ви продаде 100! Мотивирањето е на многу начини, освен материјалниот начин за кој се грижиме секогаш да бидат финансиски наградувани, мојот однос како Генерален Директор кон секој вработен е најнормален, позитивен, пријателски (со тоа што си го чуваме правилото: “На работа колеги после работа пријатели“) и грижлив за секој поединец.

Исто така како компанија се трудиме секое барање кое можеме да го исполниме да го исполниме за секој наш вработен. Со тоа постигнуваме позади секој наш задоволен вработен, сите наши клиенти да бидат задоволни.

Колку обуките и развојот на вработените се важни за напредок, и дали одат на доусовршување?

Како дел од Групацијата Гранд Аутомотив имаме обуки, школувања и натпреварувања во двата дела од нашето работење – Тренинг програма за продажба и Тренинг програма за постпродажба. Сите наши вработени учествуваат непрекинато секоја година на модулите кои се организирани.

Секако во постпродажбата имаме програма која се вика Train the Trainer, кога наш вработен се усовршува, доусовршува, па потоа истото го пренесува на нашиот тим вработени во постпродажба. Со гордост можам да кажам дека за развој на нашите вработени не штедиме воопшто и тоа го правиме со најголема желба.

Денес, да се биде општествено одговорен е знак на распознавање, но дали Ми – Да е позната како општествено одговорна компанија, и дали тоа има предност во процесот на работење? И дали го правите тоа за повратен финансиски бенефит…?

Политиката на општествена одговорност на Ми-Да Гранд Моторс е една од најсериозните во автомобилската индустрија. Таа се заснова на мисијата која ја има компанијата, а тоа е да им се обезбеди мобилност, безбедност и сигурност на граѓаните. Низ годините имаме организирано безброј активности во таа насока, како еколошка акција за чистење на падините на Водно, донација до детската амбасада Меѓаши, донација за дисперзираните домови за деца без родители и уште многу. Мора да се напомене дека во овие тешки моменти на криза ние се активиравме и нудиме бесплатна услуга за сите медицински лица во нашиот сервис. Со овие активности не очекуваме никаков повратен финансиски бенефит туку напротив, сакаме да дадеме повеќе кон општеството.

Инспиративна мисла, бизнис совет по кој се водите?

На самиот почеток од моето работење во далечната 2000 година како млад некаде по 7-8 месеци работно искуство на една дадена задача од тогашниот претпоставен реагирав со зборовите “не можам” на тоа ми беше реплицирано директно со зборовите: “Дритон не сум научен да слушнам таков збор од тебе, спротивно од тоа ти си секогаш подготвен позитивно да ја прифатиш секоја задача“.
Од тој ден кога сфатив дека некој го почитува тоа што јас го правев на самиот почеток од моето работење па до ден денес, ми дава позитивна мисла и ме води во животот, правило или совет кој гласи – Кај мене не постои Не можам, Не сакам и Не знам!

Фото: Борче Поповски