Добри вести од водечка американска банка: „ЕУ ја реши гасната сложувалка, цените ќе паднат

48

Европските земји можат да ги издржат намалувањата на рускиот гас оваа зима бидејќи проблемите со снабдувањето можеби се „успешно решени“, се вели во анализата на водечката американска банка Голдман Сакс.
Аналитичарите на оваа банка оценуваат дека цената на гасот оваа зима веројатно ќе се намали за повеќе од половина, бидејќи напорите на земјите од ЕУ да избегнат големи недостиг оваа зима се покажаа како ефективни.

Банката очекува европските цени на големопродажниот природен гас да паднат од околу 215 евра за мегават час (MWh) на под 100 евра за мегават час до крајот на првиот квартал следната година, под претпоставка за нормални зимски временски услови, соопшти банката. Станува збор за бројка која е значително под претходно предвидените 213 евра по MWh, пренесува The Guardian.

Европските земји побрзаа да ги наполнат капацитетите за складирање гас пред зимата, откако рускиот Газпром го прекина снабдувањето, вклучително и преку гасоводот Северен тек 1, а избезумената потрага по гас за надополнување на залихите доведе до вртоглаво покачување на големопродажната цена на енергијата. Овој месец Газпром го продолжи прекинот на протокот на гас преку Северен тек 1, без да ја спомене временската рамка за негово повторно отворање, пишува Јутарњи лист.

Аналитичарите на Goldman Sachs велат дека очекуваат капацитетот за складирање да биде полн во просек 90 проценти до крајот на октомври, што е повисоко од целта од 80 проценти исполнет до 1 ноември за целата ЕУ.