Добри вести за нафтениот пазар: Бајден нареди најголемо ослободување нафта од американските резерви

42

Американскиот претседател Џо Бајден нареди ослободување на еден милион барели нафта дневно од стратешките резерви во следните шест месеци.

Бајден рече дека нафтените компании кои не црпат нафта од неискористени извори ќе мора да произведуваат нафта или ќе мора да платат за нивната пасивност.

Кога Бајден пред некој ден ја објави оваа можност, цената на нафтата автоматски почна да паѓа – од 117 долари за барел на 107 колку што е утрово.

Тој рече дека цената на гасот во САД скокнала на 4,2 долари за галон од 3,3 на почетокот на годината, а дека директна причина за тоа е „војната на Путин“ во Украина, пренесува Си-Ен-Ен.

„Многу луѓе ширум светот повеќе не купуваат руска нафта. Го забранив и увозот на руска нафта во Америка. Но, реков дека тоа ќе има своја цена. Како што руската нафта исчезнува од глобалниот пазар, понудата на нафта опаѓа и цените растат. Зголемувањето на цената сега ги погодува Американците“, рече Бајден.

Ова би било трет пат во последните шест месеци САД да ги користат своите стратешки резерви за „ладење“ на цените на пазарот на нафта и во исто време најголемата количина пласирана на пазарот во речиси 50-годишната историја на стратешките резерви.

Тој ги повика американските компании да го зголемат производството на нафта.

Бајден рече дека одлуката за ослободување толку многу нафта од стратешките резерви е донесена во координација со сојузниците и партнерите.

„Имаме ветување од другите земји дека ќе пуштат десетици милиони дополнителни барели на пазарот“, рече Бајден.