Добрите деловни резултати од компаниите ги дигнаа индексите на Волстрит

На Волстрит, индексот S&P 500 порасна шести ден по ред во вторникот, благодарение на добрите деловни резултати од компаниите, но тргувањето беше претпазливо бидејќи немаше нови вести од трговскиот фронт меѓу САД и Кина.

Индексот Дау Џонс порасна за 0,75 проценти, на 40.527 поени, додека S&P 500 порасна за 0,58 проценти, на 5.560 поени, а индексот Nasdaq за 0,55 проценти, на 17.461 поен.

Растот на индексот S&P 500 шести ден по ред се должи на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на повеќето компании во составот на индексот.

Но, тргувањето беше претпазливо бидејќи многу компании ги намалија своите проценки за идните операции или не ги објавија поради неизвесноста што владееше на пазарот откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе реципрочни царини на 2 април.

Фокусот е главно на трговската војна меѓу САД и Кина, и нема значајни нови вести на тој фронт. Вашингтон, од друга страна, вели дека преговорите со другите земји за царините напредуваат добро.