Додека американскиот долар зајакнува, јенот паѓа

50

Валутите зависни од цените на суровините, како австралискиот долар и норвешката круна, зајакнаа во понеделникот, додека јапонскиот јен потона на скоро тримесечно најниско ниво, бидејќи стивнаа стравувањата од нарушувања на пазарот предизвикани од кризата на презадолжената кинеска групација „Евергранде“.

Тргувањето со јен, исто така, беше под притисок од зголемените приноси на државните хартии од вредност на американската влада, што привлече пари од јапонските инвеститори.

Курсот на еврото во однос на доларот не се промени значително. Со единствената валута се тргуваше по околу 1,17 долари, не земајќи ги предвид случувањата на парламентарните избори во Германија викендов. Според проценките, социјалдемократите го победија конзервативниот блок ЦДУ / ЦСУ со тесен резултат, пренесе Ројтерс.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шест главни ривали, е околу средината на опсегот од минатата недела и се тргува малку повисоко, на ниво од 93,40 поени.

Заострувањето на американската монетарна политика доведе до зголемување на приносот на американските обврзници на највисоко ниво од почетокот на јули. Ова дојде откако Федералните резерви (ФЕД) минатата недела најавија можен почеток на намалување на програмата за стимулација уште во ноември, и навести дека потенцијалниот пораст на каматните стапки може да следи порано од очекуваното.

Во еден момент, приносот на референтните десетгодишни државни обврзници на САД во понеделникот достигна 1,46 проценти, што е највисоко ниво од 2 јули, а потоа се намали на 1,45 проценти.

Аналитичарите на Commonwealth банката на Австралија во белешка до клиентите напишаа дека американскиот долар најверојатно ќе остане помеѓу две струи – ставовите на Комитетот за операции на отворен пазар и губењето на стравовите поврзани со потенцијалниот банкрот на „Евергранде“.

Ентузијазмот за можноста вториот најголем кинески градежник да престане да го отплаќа долгот од 305 милијарди долари, врши притисок врз тргувањето во последните недели, но стравувањата за понатамошно ширење на пазарната криза почнуваат да се намалуваат.

Народната банка на Кина денеска инјектираше 100 милијарди јуани (15,5 милијарди долари) во финансискиот систем, што, по минатонеделната финансиска инјекција на нето 320 милијарди јуани, е најголемиот пакет од јануари оваа година.

Неколку локални власти во Кина отворија специјални сметки за оние кои инвестирале во имотни проекти на „Евергранде, со цел да ги заштитат средствата насочени кон проекти за домување, објави викендов медиумската куќа „Каиксин“.

Јапонскиот јен ослабна на 110,81 јени за долар, на најниско ниво од 7 јули.

Австралискиот долар зајакна за 0,37 проценти, на 0,72835 американски долари. Норвешката круна порасна за 0,4 проценти до 8,5493 круни за долар, што е највисоко ниво од 6 јули.

Вниманието на пазарните играчи оваа недела ќе биде насочено кон претставници на американската централна банка, при што претседателот на ФЕД, Џером Пауел ќе се придружи на министерката за финансии Џенет Јелен во говорот во вторникот во Конгресот.

Европската централна банка ќе биде домаќин на годишниот форум во вторник и среда, на кој претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, ќе зборува на отворањето на настанот, а потоа ќе учествува на панел -дискусија на вториот ден со Пауел, гувернерот на Банката на Јапонија, Харухик Курод и Гувернерот на Банката на Англија – Ендрју Бејли.