Додека Европа се затвора, во БиХ почнува сезоната на скијање

30

Скијачките центри во Босна и Херцеговина сериозно се подготвуваат за претстојната сезона, сметајќи дека и покрај пандемијата, ќе привлечат гости кои инаку скијаат во Австрија и Франција. Во овие две земји нема да работат скијачките центри поради пандемијата.

На Јахорина е отворена скијачката сезона откако е поставен вештачки снег и е оспособена стазата Пољице, којашто би требало да биде на располагање и за дневно и за ноќно скијање, а другите стази ќе се отвораат етапно.

Од Олимпискиот центар Јахорина се надеваат дека оваа година ќе привлечат поголем број скијачи, особено по најави дека популарни скијачки центри низ Европа ќе бидат затворени најрано до 10-ти јануари.

“Ски центрите во Франција најавија дека ќе бидат затворени. Првпат се случува луѓе кои досега скијале во Франција, Италија и Австрија да резервираат сместување на Јахорина и тоа во голем број. Според информации што ги имаме, подобри се резервациите оваа за разлика од минатата година“, вели за агенцијата Хина, Сања Черемиџиќ, портпаролка на Олимпискиот центар Јахорина.

Во оваа компанија очекуваат дека ќе им бидат исполнети сите капацитети и тоа што нудат “корона гаранција“ за купените билети за скијалиштата. Тоа значи дека во случај да се затворат границите или да се заразат гостите со коронавирус, ќе може да го откажат користењето на билетите за следната сезона или ќе добијат поврат на 80% од уплатениот износ.

На скијалиштата ќе се применуваат строги мерки што подразбираат ограничување на бројот на лица во гондолите, растојание и задолжително носење на маска, што нема да важи само на стазите. Ќе се врши редовна дезинфекција, а во угостителските објекти ќе важат истите мерки против пандемијата.

Фото: Facebook