Додека Западот „удираат“ санкции, Русија и Иран тргуваат: Објавен е голем договор со Газпром

Иран очекува да потпише договор вреден 40 милијарди долари со рускиот енергетски гигант Газпром во декември, изјави оваа недела иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Махди Сафари.

– Склучивме договор вреден 6,5 милијарди долари со Газпром. Се надеваме дека останатите договори во вкупна вредност од 40 милијарди долари ќе бидат потпишани следниот месец – изјави Сафари за новинската агенција ИСНА, додавајќи дека преговорите се во тек.

Националната иранска нафтена компанија и Газпром во јули се договорија да соработуваат во развојот на две полиња со гас и шест нафтени полиња во Иран. Документот вклучува и размена на природен гас и нафтени деривати, реализација на проекти за ЛНГ (проекти за течен природен гас) и изградба на гасоводи, пишува РТ.

Рускиот вицепремиер Александар Новак на почетокот на октомври најави дека Москва и Техеран би можеле да договорат размена на 5 милиони тони нафта и 10 милијарди кубни метри гас, која ќе биде завршена до крајот на годината, пренесува Телеграф.рс.

Новак минатата недела рече дека Русија и Иран веќе почнале да разменуваат енергетски ресурси, особено нафтени деривати, и се согласиле да ја прошират листата на стоки со кои се тргува. Тој исто така истакна дека „количината на руски инвестиции во нафтените полиња во Иран ќе се зголеми“.

Патем, овој развој доаѓа во време кога Русија и Иран брзо ги прошируваат своите енергетски и трговски врски во услови на наметнати санкции од Западот кон двете земји.