Доделени Еуролинк стипендии за додипломци и постдипломци на Правниот факултет Јустинијан Први

39

PFZ_2347

Еуролинк осигурување, во петокот, на настан по повод врачување на Еуролинк стипендијата, додели 29 стипендии на перспективни млади луѓе, 18 за додипломски и 11 за постдипломски студии на Правниот факултет Јустинијан Први– Скопје, во вкупна вредност од 1.100.000 денари.

Стипендиите за студентите на додипломски студии од сите насоки се во висина од 25.000 денари за додипломците и 60.000 денари за постдипломците и се наменети за да им се покријат трошоците за кофинансирање. Стипендиите ги додели лично претседателот на Надзорниот одбор на Еуролинк осигурување, Олга Костовска.

“Се надевам дека со овој наш гест, ви го правиме патот кон иднината побезболен, укажувајќи ви на вистинските вредности со кои ќе си ја обезбедите иднината, а тоа се истите со кои ја обезбедивте оваа стипендија. Не ги заборавајте своите одговорности кон семејството, кон нашата татковина и своите сограѓани. Отпочнете активен општествен живот, прифаќајте предизвици, градете ја мрежата на пријатели, идни соработници и идни работодавачи. Станете луѓе зачувувајќи ја благодарноста и хуманоста во себе и наоѓајте начини да помагате на помалку привилегираните од вас“, рече Костовска.

Програмата за стипендирање студенти од Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје е дел од платформата за корпоративна општествена одговорност, Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности и е во редот активности преку кои се промовираат трајните образовни, културни и општествени вредности во нашата држава.