Во рамки на саемската манифестација Агрофуд, денес беа доделени наградите за најпрокативен земјоделец за 2013 година.
“Многу е важно да имаме поволни кредити со ниски камати, до 6%, и едноставени процедури, зашто парите за сработеното секогаш ги добиваме на крајот од годината”, рече Глигорчо Димитриев од село Подлог, Кочанско, најпроактивен земјоделец во категоријата житни култури.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, во обраќањето по повод отворањето на саемот, нагласи дека преку Македонската банка за поддршка на развојот достапни се кредити за инвестиции во примарното земјоделство.
“Поволните услови од кредитните линии имаат директно влијание на натамошното задржување на интересот на земјоделците за вложување во нова механизација, опрема и современи објекти, во модернизирање на прехранбената индустрија, во обезбедување стандарди за квалитет и безбедност, а за откупувачите значат средства за откуп и посигурен пласман”, потенцира Димовски.
Според него бенефит е и овозможувањето побрза исплата на земјоделците за откупените производи, стабилизирање на пазарните односи и воспоставување услови за ценовен тренд без осцилации.
Јетон Зекмани од битолското село Доленци, првонаграден за органско производство, изјави дека во Македонија за овој тип продукција се уште нема пазар.
“Од органското производство допрва ќе има бенефит зашто секаде во западните земји е двојно поскапо од конвенционалното иако приносите се помали”, рече Зекмани.
Останатите награди им припаднаа на Киро Грковски од струмичкото село Банско за раноградинарско производство, Милена Делева од село Фурка, Дојранско, за долгогодишни овошни насади, како и Даниел Мацов од прилепското село Слава за сточарство.
Наградите во петте категории, житни култури, раноградинарско производство, долгогодишни овошни насади, сточарство и органско производство, ги доделува Прокредит банка.
“Наградените ќе имаат можност добиениот вредносен ваучер од 150.000 денари да го искористат за купување механизација или каков бил обртен капитал”, истакна Емилија Спировска од Прокредит банка, подвлекувајќи дека целта на манифестацијата е да се поттикнат земјоделците на уште поактивно работење и следење на новите трендови.