Доделени признанијата за најдобро рангирани компании согласно Националната награда на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа

16

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска ги додели плакетите на трите најдобро рангирани компании во нашата држава согласно Националната награда на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа 2021 година. Изборот на компаниите го организира Националниот Совет за безбедност и здравје при работа, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика.

Согласно резултатите од работата на комисиите и оценувањето, добитници на признанијата оваа година се компаниите: Кромберг и Шуберт (Kromberg & Shubert) – Битола, Млекара АД – Битола и Риве Шпед – Богданци.

При доделувањето на признанијата на Компаниите со најдобра пракса на безбедност и здравје при работа, Министерката Шахпаска истакна дека човечкиот капитал е најважен и затоа вреди секој влог кој ќе се даде во обезбедувањето на безбедни работни места и зачувување на здравјето при работа.

„Од особено значење е вашиот придонес што вие како компании го давате во ширењето на пораката за важноста на вложувањето во континуиран развој и унапредување на безбедноста и здравјето на работните места, почитувањето и ефикасното имплементирање на законските обврски во оваа област“, рече министерката Шахпаска.

Таа изрази задоволство дека бројот на пријавени компании оваа година е значително зголемен за разлика од минатата.  Вкупно 23 (дваесет и три) компании, оваа година се пријавија на јавниот повик за избор на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје, за разлика од минатата година кога имаше вкупно 8 апликанти.

Министерката се осврна и на темата на двегодишната кампања во областа на БЗР -превенцијата и управувањето со мускулно-скелетните нарушувања (МСН) поврзани со работата, како еден од најзастапените здравствени проблеми кои се јавуваат кај работниците во Европа, а се директно поврзани со работата и работните места. Тие се и најчестите причини за инвалидност и за боледување на работниците, а тоа директно влијае на намалена продуктивност и на вработените и на компаниите.

Претседателката на Националниот Совет за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чаловска им честиташе на најдобро рангираните компании за нивната посветеност во обезбедувањето на безбедни работни места и грижа за здравјето на вработените и ја истакна исклучителноста на работата на стручните комисии за безбедност и здравје при работа кои и во отежнати услови предизвикани од пандемијата успешно си ја завршија работата, ги посетија компаниите на лице место со цел да се согледа реалната состојба на терен.

Доделувањето на признанијата на компаниите и оваа година поради пандемијата, се одржува подоцна, за време на одбележувањето на Европската недела за БЗР, наместо претходната пракса на 28 април – Светскиот ден за БЗР.