Договор од 720.000 евра за справување со климатските промени во Скопје

32

Денеска во Скопје беше потпишан договорот за соработка помеѓу Град Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за реализација на проектот Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени. Договорот го потпишаа градоначалникот Шилегов и Луиза Витон, Постојан претставник на УНДП во Македонија.

Како што се вели во соопштението од Град Скопје, со овој договор е предвидено продолжување на соработката во рамките на проектот Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени, како и реализација на голем број активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштитата од климатските промени и зголемување на отпорноста на Скопје, но и активности за воведување иновативни пристапи во секојдневната работа и поефикасни услуги за своите граѓани.

Шилегов потенцираше дека дел од определбите на овој договор се и преземање на конкретни активности за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, но и зафати за подобрување на зеленилото во градот. Во таа насока Градот Скопје ќе засади 10.000 нови висококвалитетни листопадни, и над 2.000 зимзелени садници на територијата на Скопје, а ќе биде изграден и зелен кров во Градскиот трговски центар.

Договорот за соработка се продолжува за период од 18 месеци, а истиот е во вредност од 720.000 долари. Досега во рамките на овој проект се реализирани поголем број студии, стратегии, како и отворањето на Центар за иновации на Град Скопје Скопје Лаб. Со неговото продолжување активностите на овој проект ќе се одвиваат во две насоки, првата е подобрување на еколошката одржливост на градот, каде што ќе  работи на научни истражувања, чиишто резултати понатаму ќе се имплементираат преку реализација на пилот-проекти.