Договор за изградба на фотонапонска централа Осломеј

36

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, присуствуваа на потпишување на договор помеѓу директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер, и директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски, за изградба на фотонапонска централа Осломеј, стои во соопштението.

“Значајно е што државата го повлекува првиот чекор, од она што следува, од преку 200 мегавати нови инвестиции во фотоволтаици или фотонапонска мрежа, којашто на повеќе локации низ државата, под раководство на министерството за економија, вицепремиерот Анѓушев и мојот кабинет, односно советниците за енергетика, подготвуваме неколку локации за јавно – приватно партнерство за 200 мегавати, и давање под концесија за сите заинтересирани кои ќе сакаат да инвестираат во ваквите енергетски обновливи извори на енергија“, појасни премиерот Заев.

Овој заем, како што појасни премиерот Заев е прв за ЕЛЕМ без државна гаранција и за него важат целосно пазарни параметри.

“Ова претставува пример како еден скоро заборавен објект, ТЕЦ Осломеј полека ќе го претвориме од загадувачки објект во еколошки објект, кој ќе произведува чиста електрична енергија. Ова се само првите 10 мегавати, за кои потпишуваме договор за финансирање, за да бидат изградени. Таму ќе продолжи градењето и во наредните години со повеќе инсталирана моќност до 30 до 40 мегавати, како што е предвидено во инвестиционата програма на ЕЛЕМ“, потенцираше вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Оваа влада, рече вицепремиерот Анѓушев, согласно законот за енергетика, со кој се отвори простор за инвестиции во обновливи извори на енергија, ќе биде посветена за инсталирање колку што е можно повеќе мегавати инсталирана моќност во обновливи извори на енергија.

“Ова е прв проект од фотоволтаично производство на електрична енергија во нашето портфолио, вреден околу седум милиони евра, од кои 5,9 милиони евра се кредит од ЕБРД, а остатокот се средства на АД ЕЛЕМ“, појасни директорот Миновски.

“Просечното годишно производство би требало да изнесува 15 гигават часови, доволно за да задоволи 2000 домаќинства, појасни тој, и додаде дека ова не е важно само за АД ЕЛЕМ, туку има и социјален аспект и важност по заштита на животната околина“, појасни директорот на ЕЛЕМ, Горан Миновски.

Директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер во своето обраќање истакна задоволство од потпишувањето на договорот, со како што рече, ЕЛЕМ – една од најдинамичните и најпромислените енергетски компании.

Според него, оваа инвестиција го отвора пазарот и за приватниот сектор и дава можности и за локалните бизниси.

Тој, во своето обраќање посебно ја истакна улогата на владата од значајниот тендер за соларна енергија, кој што претстои а го води заменик претседателот на владата, Кочо Анѓушев, а како што рече, тоа ќе покаже како со искористување на приватниот сектор може да се испорача чиста и евтина енергија за граѓаните на овој регион.