Дојче Бан во Египет доби договор вреден милијарди

132

Германската државна железничка компанија Дојче Бан објави дека го добила тендерот за воспоставување на првата супербрза железничка мрежа во Египет, на која ќе сообраќаат возовите на Сименс Мобилити.
15-годишниот договор вреден милијарди беше потпишан на маргините на климатската конференција во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, соопшти во вторникот Дојче Бан.

Договорот ќе го спроведува подружницата DB International Operations во соработка со египетската компанија Elsewedy Electric, која ќе ја воспостави инфраструктурата и ќе обезбедува услуги за превоз на патници и товар на новите брзи линии, а ќе го преземе и одржувањето на станицата и депо.

Опремата, патничките вагони и локомотивите ќе бидат испорачани од конзорциум предводен од Siemens Mobility, се вели во соопштението што го пренесе агенцијата Хина.

„Новиот железнички систем ќе го поттикне економскиот развој на Египет и ќе помогне во заштитата на климата, што ќе ни користи на сите“, рече Нико Варбаноф, шеф на групата ЕКО на Дојче Бан, која ги надгледува подружниците во странство.

Мрежата за супербрзи возови треба да се протега на 2.000 километри и да биде шеста најдолга во светот. Од 2025 година ќе ги поврзува Александрија, Каиро и планираниот нов главен град на Египет.

Дојче бан често е мета на критики за своите надворешни операции. Некои критичари предупредуваат дека железничката мрежа на Германија има многу проблеми и дека компанијата треба да се фокусира на матичната земја.

Компанијата во вторникот одговори дека профитот од египетскиот проект ќе се реинвестира во работењето во Германија.