
На светските валутни пазари, американскиот долар во понеделникот благо ослабна во однос на кошничката на валути, додека на нафтените пазари цените дополнително остро паднаа, откако минатата недела потонаа за повеќе од 10 отсто.
Поради царинската војна, која минатата недела ја иницираше американскиот претседател Доналд Трамп со објавување на драстични царини за увоз во САД, светските берзи не стивнуваат.
Во понеделникот околу 07:00 часот, индексот MSCI на азиските берзи беше намален за 7,5 отсто. Во исто време, цените на акциите на берзите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај, Јапонија и Хонг Конг потонаа меѓу 4 и 10,7 отсто. Американските фјучерси Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq исто така се во минус – меѓу 2,5 и 4 проценти – што најавува дополнителен остар пад на цените на акциите на Волстрит попладнево.
Понатамошен пад се очекува и на европските берзи, откако минатата недела индексот STOXX 600 на најважните европски акции потона за повеќе од 8 отсто. Идниот FTSE индекс на Лондонската берза моментално е во минус од 2,6, а франкфуртскиот DAX за 4 отсто.
Ова е последица на ескалацијата на царинската војна, со оглед на тоа што Кина возврати со иста мерка на американските царини. Ескалацијата на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.
Како резултат на тоа, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што се државните обврзници и одредени валути.
Денеска инвеститорите продолжија да го продаваат доларот и да купуваат традиционално сигурни валути во несигурни времиња – јенот и швајцарскиот франк. Американскиот долар вообичаено се смета за безбедно засолниште, но тој статус се чини дека слабее бидејќи се интензивираат несигурноста околу царините и загриженоста за нивното влијание врз економскиот раст на САД.
Утрово индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 102,80 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 102,89 поени. Утрово курсот на доларот во однос на јапонската валута падна за дополнителни 0,7 отсто, на 145,90 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската за 0,25 отсто, па цената на еврото достигна 1,0985 долари. Доларот во петокот го поддржа претседателот на американската централна банка Џером Пауел, кој рече дека ФЕД нема да брза со намалување на каматните стапки, туку ќе почека додека не стане појасно влијанието на потезите на Трамп врз економијата.
Пауел рече дека најавените царини се значително повисоки од очекуваните, така што ќе бидат и економските влијанија, вклучително и повисока инфлација и забавување на економскиот раст.
Цените на нафтата, пак, утрово дополнително паднаа, откако минатата недела потонаа за повеќе од 10 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово падна за 2,49 отсто, на 63,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 2,56 отсто, на 60,40 долари. Ова се најниските нивоа на цени од април 2021 година.
Пореметувањата на финансискиот и на стоковните пазари предизвикаа и пад на цената на златото. Утрово унцата падна за 0,3 отсто на 3.027 долари, што е најниска цена на унца во последните три недели. Неодамна минатата недела цената на златото се движеше на рекордно ниво, далеку над 3.100 долари.
Фото: Pixabay