Доларот на највисоко ниво во последните дваесет години

64

Вредноста на американскиот долар на светските пазари порасна и минатата недела, откако американски Фед ги зголеми каматните стапки за 0,5 процентни бода и најави понатамошно заострување на монетарната политика за да ја сузбие превисоката инфлација.

Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската во однос на останатите шест најважни светски валути, зајакна оваа недела за 0,7 отсто на 103,64 бода, а во еден момент достигна и 104,07 бода, ново највисоко ниво од 2002 година.

Курсот на доларот спрема јапонската валута порасна за 0,65 отсто на 130,55 јени.

Американската валута стагнираше во однос на европската, па цената на еврото на неделно ниво остана речиси непроменета, на 1,055 долари, блиску до најниското ниво во пет години.

Шефовите на американската централна банка Фед решија во средата да ги зголемат клучните камати за 0,5 процентни бодови, што е најголемо еднократно зголемување на цената на парите од 2000 година.

Фед уште во март ги зголеми каматите за 0,25 процентни бодови за да ја сузбие инфлацијата, која го достигна највисокото ниво во 40 години, а се очекува и во следните месеци агресивно да ја заострува монетарната политика.

„Инфлацијата е превисока и ги разбираме тешкотиите кои ги предизвикува. Се движиме експедитивно за да ја спуштиме“, кажа шефот на централната банка Џером Пауел.

Тој додаде дека се силно посветени на враќањето на стабилноста на цените и најави дека на следните седници ќе се разгледува зголемување на каматите од 0,5 процентни бодови, но дека не се разгледува зголемување од 0,75 процентни бодови.

„Американската економија е многу силна и добро позиционирана за да издржи построга монетарна политика“, кажа Пауел и порача дека очекува „меко“ приземјување на стопанството, и покрај заострената монетарна политика.

Фед најави и намалување на билансот, кој достигна девет билиони долари бидејќи централната банка за време на коронакризата купуваше обврзници за да ја задржи ликвидноста во финансискиот систем и ниските каматни стапки.

Цената на еврото кон доларот се движи во близина на најниското ниво во пет години. Европската валута беше под притисок од почетокот на руската инвазија на Украина, бидејќи инвеститорите се загрижени за енергетската безбедност на Европа, високата инфлација и успорувањето на растот на економијата.

Сепак, поддршка на крајот на неделата ѝ пружи Европската централна банка, која навести дека поради рекордната инфлација монетарната политика во еврозоната мора да се заостри порано од очекуваното.