Доларот на рекордно ниво, еврото на минимум

76

Доларот започна уште една трговска недела блиску до највисокото ниво во последните 20 години во однос на конкурентските валути, по шест последователни недели раст, бидејќи побарувачката на инвеститорите за доларот не се намали како безбедно засолниште поради неизвесностите поврзани со глобалниот раст.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошницата од шест главни ривали, утринава во азиското тргување беше 104,54 поени, откако во петокот накратко премина 105 поени, највисоко од декември 2002 година, пренесува Ројтерс.

Силната побарувачка за доларот како безбедно засолниште е поттикната од сомнежите на инвеститорите дека Федералните резерви на САД ќе успеат да ја намалат инфлацијата без да предизвикаат рецесија, како и загриженоста за забавување на глобалниот раст што произлегува од кризата во Украина и ефектите на кинеската економија на нулта-ковид политиките.

Еврото започна оваа недела близу до најниското ниво од почетокот на 2017 година, под притисок на зајакнувањето на доларот и изложеноста на европската економија на влијанието на конфликтот во Украина.

Единствената валута рано утринава се тргуваше за 1,0398 долари, нешто малку над најниското ниво од почетокот на 2017 година од 1,0354 долари, на кое падна во четвртокот.

Британската фунта денеска минимално закрепна на 1,2256 долари, откако минатата недела падна на само 1,2156 долари, за што придонесоа послабите од очекуваните податоци за бруто домашниот производ во првиот квартал.

Јапонскиот јен денеска благо се лизна во однос на доларот на 129,43 јени за долар. Минатата недела националната валута на Јапонија забележа неделен пораст од почетокот на март, запирајќи го неколкунеделниот надолен тренд.