Доларот ослабе, цената на нафтата порасна

80

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата со валути значително падна пред одлуките и пораките на шефот на ФЕД. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 104,01 поен, додека вчера во овој момент изнесуваше 105,01 поен.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 137,65 на 135,60 јени. Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0640 долари, највисоко ниво во последните шест месеци, додека вчера во ова време беше 1,0540 долари.

Цените на нафтата, пак, трет ден по ред се во плус, откако минатата недела паднаа на најниските нивоа за оваа година. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми на 80,48 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна  на 75,20 долари.