Доларот ослабе, цената на нафтата стагнира

75

На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути благо падна.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 98,52 поени, додека вчера во ова време беше 98,78 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 121,20 на 121,55 јени и е околу највисоките нивоа во последните шест години.

Но, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1030 долари, додека вчера во овој период беше 1,0990 долари.

Цените на нафтата, пак, стагнираат откако вчера паднаа за околу 3 отсто. Вчера беше објавено дека САД и нивните партнери би можеле да продадат уште неколку нафтени залихи за да спречат понатамошен раст на цената на „црното злато“, која нагло порасна од почетокот на војната во Украина.

На лондонскиот пазар утрово цената на барелот стагнираше околу 119,10 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,15 отсто на 112,20 долари.