Доларот ослабе, цените на нафтата под 80 долари

36

Вредноста на доларот во однос на кошничката валути на валутните пазари падна втор ден по ред.

Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 104,55 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 105,30 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 136,80 на 136,05 јени.

Американската валута исто така ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0580 долари, додека вчера во ова време беше 1,0505 долари. Така, еврото трета недела по ред е на патеката на добивки во однос на доларот.

Цените на нафтата пораснаа по вчерашниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава порасна за 0,91 отсто, на 76,80 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,92 отсто, на 72,10 долари.