Доларот ослабе, цената на нафтата падна

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути благо падна, по минатонеделниот раст од над 1 отсто.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 102,38 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 102,44 поени.

Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 144,60 на 144,40 јени.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0950 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0940 долари.

Цените на нафтата, пак, загубија дел од добивките од минатата недела, кога пораснаа за повеќе од 2 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 1,19 отсто, на 77,80 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,30 отсто, на 72,85 долари.