Доларот ослабе во однос на кошницата валути

На азиските берзи во понеделникот се тргуваше претпазливо бидејќи инвеститорите не сакаа да направат поризични инвестиции поради можна ескалација на тарифната војна, додека вредноста на доларот благо падна во однос на кошницата валути.

Индексот MSCI на азиските берзи, пишува Хина, во 07:00 часот беше речиси непроменет во однос на петокот.

Јапонскиот индекс Никеи порасна за 0,1 отсто, а во минус беа и цените на акциите во Австралија. Во Хонг Конг, Јужна Кореја и Шангај, пак, тие паднаа меѓу 0,2 и 0,5 отсто.

Инвеститорите се претпазливи бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи.

Вашингтон веќе води тарифна војна на повеќе фронтови – со Канада, Мексико, Кина и Европската унија.

Инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна, што може да доведе до повисока инфлација и негативно влијание врз меѓународната трговија и економскиот раст.

И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна, откако минатата недела порасна за 0,4 отсто.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 104,03 поени, додека во петокот навечер изнесуваше 104,15 поени.