Доларот „падна“, еврото на најниско ниво во последните 5 години

168

Доларот денеска малку се повлече од својот 20-годишен максимум, но април сепак ќе заврши со највисок месечен раст во последната деценија, поттикнат од облозите на играчите на пазарот дека референтните каматни стапки во САД значително ќе се зголемат, но и поради нивната загриженост за економскиот раст во Европа и Кина.

Американската валута растеше секоја недела во април, зголемувајќи се на повеќе од 130 јени во однос на нејзиниот јапонски ривал оваа недела за прв пат од 2002 година, по одлуката на Банката на Јапонија (БОЈ) да се држи до својата политика за супер ниски приноси.

Индексот на доларот, кој по падот на јенот достигна највисоко ниво во последните две децении од 103,93 поени, денеска падна на 103,40 поени, но овој месец зајакна за повеќе од 5,1 отсто.

Доколку се задржи на тоа ниво, тоа ќе биде негова најголема месечна добивка од мај 2012 година.

Еврото, кое во четвртокот потона на 1,05 долари за прв пат по пет години, се менува на 1,0526 долари, според најновите податоци.
Еврото падна во однос на доларот само во април за приближно 5,0 отсто, додека изгуби речиси 7,0 отсто од својата вредност во однос на доларот од почетокот на војната во Украина на 24 февруари.